Доекипираност, подобрување на условите за работа и низа реконструктивни зафати во Музејот на вода во Охрид ќе следат во наредниот период, најави при денешната посета министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Посочи дека за жал, целиот музејски комплекс изгледа доста запуштено и неодржувано, што делува многу недолично за сите посетители.
Овој Музеј во изминативе години бил целосно заборавен од претходната власт. Не е вложен нуту еден денар за негово одржување. Заедно со директорот на Музејот, стручните лица од НУ Завод и Музеј Охрид и пратениците во Собранието направивме увид и веднаш ќе започнеме уште од денес со голем број на активности. За почеток ќе се обезбеди доекипирање и подобри услови за работа на вработените со цел нормално функционирање на целиот музејски комплекс. Потоа ќе се изврши реконструкција и модернизација на оштетениот систем за наводнување. Ќе се превземат активности и за повторно ставање во употреба на терасата пред музејската зграда за да може да се обезбеди пријатен престој за посетителите. Следната година можам да најавам дека интезивно ќе се работи на санација на платформата на наколната населба и на кровните покриви од колибите, што ќе овозможи овој уникатен Музеј да си го врати стариот сјај, потенцираше Љутков.
Додаде дека низ годините овој комплекс заработувал доста средства и истите не биле користени за ништо па треба да се утврди каде оделе тие средства или ако се трошеле за што.
Како што гледаме не се трошеле за ништо. Овде е запуштен целиот комплекс. Разговараме со директорот тие средства кои ги остварува комплексот од приходите да бидат користени за санација и доколку се потребни дополнителни средства како Министерство за култура и туризам ќе го ставиме овој Музјески комплекс како приоритет, додаде Љутков.
Директорот на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Горан Патчев истакна дека понекогаш не се во прашање може и парите, туку лошото менџирање и поддршката од повисоките инстанци.
Сега можам и да потврдам дека ќе имаме поддршка во следниот период. Објавив неколку тендери, јавни набавки за подобрување на условите во Музејот на вода и ја проширивме Годишната програма за догодина да има пообемни санациони мерки на самата платформа. Тековно се одржува истата, но со мали средства колку може толку се санира. На Републичко ниво Заливот на коските по приходи е на второ место и според тоа и треба да се инвестира. Ние имаме и Физибилити студија изработено од порано, само треба да ги послушаме добрите предлози и да одиме напред за подобрување на условите, рече Патчев.
Инаку, Музејот на вода во Градиште е најпосетуван локалитет, по кој следат Самоилова тврдина и Музеј Куќата на Робевци.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска