Под слоганот „Заложи се за доењето“, годинава, Светската недела на доењето е насочена кон развој и зголемување на капацитетите на здравствениот систем и на општеството за поддршка на доењето.
Преку едукација и трансформација низ повеќе сектори, може да направиме квалитетна промена и да обезбедиме поддржувачка средина, соодветни навремени информации за младите родители, кои се сѐ повеќе свесни за големите предности на доењето и сакаат да го дојат своето бебе, објаснува д-р Денис Ал Калили, претседател на здружението Лулка и доктор на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство.
Здружението Лулка бара здравствените власти и локалната заедница да се вклучат во заштита, промоција и поддршка на доењето и преку нивно информирање и едукација да се овозможи позитивна околина за доење за семејството. Затоа што, како што посочуваат, мајчиното млеко е перфектно создадено за да ги задоволи нутритивните и имунолошки потреби на бебето.
Доењето во првите неколку години од животот ги штити децата од инфекција, обезбедува идеален извор на хранливи материи, исто така е економично и безбедно. И покрај овие исклучително значајни придобивки, практиките за доење не се оптимални во многу делови на светот. Голем број од децата не започнуваат со доење доволно рано, не се ексклузивно доени во текот на препорачаните шест месеци или прерано престанува доењето. Мајките често се соочуваат со притисоци да преминат на хранење со формула за бебиња, што може да придонесе кон побавен раст и недоволно внесување на микро-прехранбени состојки. УНИЦЕФ и СЗО препорачуваат новороденчињата да бидат задоени во рок од еден час по раѓањето; исклучиво подојувани во првите шест месеци од животот и да се подојуваат до возраст од 2 години и понатаму. – истакнуваат од Лулка.
Д-р Ал Калили наведува дека предност за бебето е тоа што доењето има заштитна и нутритивна функција, го подобрува здравјето, спречува неухранетост и дебелина во детска возраст. Додека, мајката преку доењето полесно се поврзува со бебето, има помала веројатност да развие постпородилна депресија, долгорочно е заштитена од хронични и малигни болести, истакнува тој.
Предности за семејството и општеството се еднаквоста, економската стабилност која ја нуди доењето, помалку трошоци за семејството и за здравствениот систем. Затоа, тој наведува дека мора да се создаде систем за обезбедување поддршка за доењето преку едукација во текот на бременоста, стручна наобразба на медицинскиот персонал кој учествува во раѓањето за овозможување контакт кожа-на-кожа во првиот час по породувањето, како за спонтано, така и за инструментално породување и породување со царски рез и соодветна поддршка за доење во домот на семејството до 6 недели по породувањето. – вели Ал Калили.
Светската недела на доењето се одбележува секоја недела од 1-7. август.
OhridNews