Владата во ситауација на вонредна состојба поради кризата предизвикана од коронавирусот, меѓу другото, деновиве донесе и одлука за одобрување 120.000 евра за Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски”, и на Факултет за исламски науки – Скопје.
Владата тврди дека одобрените средства се наменски и се однесуваатт на високообразовнаите установи кои работат под закрила на ИВЗ и МПЦ, а не за помош.
Владата категорично демантира дека е донесена Уредба со која финансиски ќе се помагаат МПЦ и ИВЗ, како што објавија некои медиуми, која како дезинформација се шири и на социјалните мрежи. Вистината е дека Владата на својата 38-ма седница донесе одлука за одобрување наменски средства на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски” – Скопје придружна членка на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, како и на Факултет за исламски науки – Скопје за реализирање на студиските програми на овие три институции за 2020 година. – соопшти Владата.
Од Владата објаснуваат дека средствата определени со оваа одлука се исклучиво за реализирање на студиските програми на овие три институции, и тоа согласно претходна одлука на Владата од 9-тата седница одржана на 16.02.2020 година, со цел да се обезбеди редовното и непречено функционирање на студиските програми за 2020 година, а не за финансиска помош за МПЦ и ИВЗ како што пренесуваат дел од медиумите.
Одлуката за одобрување наменски средства на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски” – Скопје придружна членка на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, како и на Факултет за исламски науки – Скопје за реализирање на студиските програми на овие три институции за 2020 година, е донесена врз основа на Законот за високото образование донесен во 2008 со кој овие институции се стекнаа со статус на приватно-јавни непрофитни високообразовни установи. Согласно овој Закон, средствата за финансирање на дејноста на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки, се обезбедуваат покрај од средствата на основачите и од Буџетот на Република Северна Македонија, како и од други извори определени со закон. – информира Владата.
Инаку најголемите верски заедници деновиве јавно побараа помош од државата, бидејќи, како што беше истакнато во настапите на нивни претставници на медиумите, и тие трпат загуби поради актуелната криза. Во јавноста голема прашина крена изјавата на реисот на ИВЗ во емисија на локална телевизија во Гостивар, кој ја предупреди Владата дека се уште се чека на нејзиниот одговор за помош додавајќи: „не дај Боже да ги суспендираме одлуките, нема сила што ќе може да се бори со епидемијата.“
Вицепремиерот Османи истакна дека изјавата е извадена од контекст и не треба да се прави драма од барање за помош на некој кој се смета за оштетен. Но, регираше Јавното обвинителство кое најави дека ќе го следи однесувањето на реисот и ќе постапи согласно законот.
Г.М.