Управниот одбор и Дирекцијата на Струшките вечери на поезијата со пригодна свеченост во МАНУ им додели Благодарници на поранешни директори, претседатели на Управен одбор, личности и институции, кои имаат особен придонес во афирмацијата на најстарата поетска манифестација во државата.

„Пред официјалниот почеток на јубилејните 50-ти Струшки вечери на поезијата, со Благодарниците сакаме да им оддадеме признание на сите кои досега вложиле дел од својот професионален и креативен потенцијал во развојот и афирмацијата на поетската манифестација, која стана препознатлив белег на Струга и на Македонија низ сите меридијани во светот“, изјави Славе Ѓорѓо Димоски, актуелен претседател на Управниот одбор на СВП.

На свеченоста во МАНУ присуствуваа поранешни членови на Советот и на Управниот одбор на СВП или нивни претставници. Признанијата им ги врачи Данило Коцевски, директор на СВП.

Благодарници за афирмацијата на СВП добија Ацо Шопов, Коце Солунски, Милан Ѓурчинов, Анте Поповски, Славко Јаневски, Гане Тодоровски, Симон Дракул, Матеја Матевски, Благоја Иванов, Јован Котевски, Слободан Мицковиќ, Петар Т. Бошковски, Трајан Петровски, Веле Смилевски, Петре Бакевски, Атанас Вангелов, Паскал Гилевски,  Братислав Ташковски, Зоран Анчевски и Илјаз Османи, како членови на Совет или Управен одбор на СВП.

Признанија добија и поранешните директори Петар Чакар, Јован Стрезовски, Богомил Ѓузел, Ефтим Клетников, Разме Кумбаровски и сегашниот директор Данило Коцевски.

Знак на внимание Дирекцијата на СВП изрази и кон придонесот на Елизабета Канческа-Милевска, министер за култура, и академик Луан Старова, како и на институциите Министерство за култура, МАНУ, НУБ „Св. Климент Охридски“, Друштвото на писателите на Македонија, Македонската радиотелевизија, Општина Струга, „Скопско лето“, ЕЛЕМ, амбасадата на САД, УНЕСКО и Град Скопје.

OhridNews
извор: „Макфакс“