Националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата и Министерството за економија денеска свечено ги доделија националните награди за општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија спроведени во 2014 година.

Во категоријата „Однос кон вработените“, статуетка за најдобри општествено одговорни практики во 2014 година добија Витаминка од Прилеп  и Градежен институт Македонија, за „Етичко управување“ статуетка им беше доделена на Макстил, ЕВН Македонија и Раде Кончар ТЕП, за „Односи на пазарот“ на Комерцијална банка Скопје, за „Заштита на животната средина“ на Цементарница УСЈЕ и Пакомак, за „Вложување во заедницата“ на Даути комерц и Меѓународното училиште НОВА, додека за „Најинвентивна практика“ статуетката ја доби Комерцијална банка за проектот за овозможување услуги за лицата со оштетен вид. Седумнаесет плакети им беа доделени на повеќе големи, мали и средни компании во сите категори: Халкбанк, Некстенс,  Гемак Трејд, Фени Индустри – Кавадарци, Пивара Скопје, Охридска Банка,  Макстил, Трансмет, Фармахем, Адора Инженеринг, Комерцијална Банка, Окта, ПЗУ Специјална болница Филип Втори, Стопанска Банка АД Скопје, ТИНЕКС-МТ.

ЕВН Македонија за прв пат аплицираше во категоријата “Етичко управување” каде и го доби првото место за проектот “Идеја менаџмент”. Со добивањето на оваа награда, ЕВН Македонија станува прва компанија во Македонија што има освоено награда во сите пет категории на ова традиционално национално наградување. Проектот “Идеја менаџмент” подразбира воспоставување на систем во организацијата за управување со идеи кои што ќе влијаат на постојаното подобрување на интерните процеси и подобри услуги кон корисниците. 

„Нашите вработени се најдрагоцениот дел од компанијата. Тие се оние кои ја прават разликата во услугата. Исто така, тие се оние кои најдобро ги познаваат нашите интерни работни процеси, и како истите да ги оптимизираат со цел да се пресретнат потребите на нашите корисници уште подобро. Преку проектот “Идеја менаџмент” ние ги поттикнуваме вработените, без оглед на хиерархијата активно да придонесуваат во подобрувањето на транспарентен и брз начин. Со цел да им дадеме дополнителна иницијатива, компанијата обезбеди посебен буџет за наградување на прифатените идеи“, изјави Штефан Петер, Претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Меѓу наградените компании е и Адора инженеринг, која доби две национални признанија за проектите: „Вложуваме во општините за доброто на граѓаните“ – Духовен храм православна црква Свети Јован Крстител и „Заедно градиме поздрава иднина“-Енергетски ефикасни домови А-класа, во категориите Вложување во заедницата и Заштита на животната средина кај малите и средни претпријатија.

OhridNews