Секретарот на општина Охрид, Игор Бежоски, денес ги додели наградите за најубаво украсени новогодишни дворови. По пристигнатите апликации, комисијата одлучи првото место да им припадне на Иванка и Бруно Гигер кои беа меѓу првонаградените и во изминатите години, второто место го освои Јована Бандилоска Јованоска, а третото место Клаудија Арсенова.

  • Секоја година за украсување на нашиот двор трошиме од 200 до 300 евра, а работиме повеќе од десет дена за да украсиме се како што сакаме. За нас е големо задоволство и сме горди на сработеното, вели првонаградената Иванка Гигер која потенцира дека паричната награда ќе ја донираат за лекување на сограѓанинот Тачо.

Од локалната самоуправа ги повикуваат граѓаните да се пријавуваат на распишаниот конкурс и наредните години.

  • Радува што граѓаните се вклучуваат во акцијата за украсување, еве и најмладите придонесуваат во украсувањето на своите домови. Ние како општина се трудиме градот што поубаво да го украсиме секоја година, но со ваша поддршка освен централното градско подрачје убаво изгледа целиот град, рече секретарот на општината Бежоски.

Наградите годинава се доделуваат по шести пат. Првонаградените добиваат благодарници и парични награди во висина од 10.000, 6000 и 4000 денари.

OhridNews