На свечена церемонија одржана денес по повод новата генерација дипломци на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ доделени беа дипломите на 55 студенти кои ги  завршија студиите на петте факултети.

Проректорка на Универзитетот проф. д-р Устијана Речкоска Шикоска истакна дека Универзитетот нуди иднина со сите свои пет факултети и обновените студиски програми во неговите рамки, како и новите студиски програми.

Информатичко-комуникациските технологии се атрактиви и применливи во сите области од секојдневното живеење, струката е многу платена. Остваруваме голема соработка со ИТ компаниите и другите компании ширум земјата и светот, градиме претприемнички дух на нашите студенти на сите студиски програми. Студентите по завршувањето може да си го најдат своето парче леб можеби и во странство, но да работат од дома, а и дома да потпомогнат во креирање на сопствени бизниси и компании, учествување и во Универзитетот и другите универзитети со вработување, бидејќи струките се барани и атрактивни, вели Речкоска Шикоска.

Потенцираше дека голем процент дипломци продолжуваат на постдипломски студии на Универзитетот, а од оваа година и на докторски студии.

Студентите пливаат во светот на информатичко-комуникациските технологии кои наоѓаат примена во различни области на секојдневното живеење како што се бизнис и менаџмент, здравство, уметност, дигитализација, со што би помогнале и на нашата Општина Охрид, на нашата држава, но и пошироко. Меморандуми за соработка имаме со над 80 земји. Многу од студентите се успешна приказна низ целиот свет. Но, ние сепак ги мотивираме да останат во својата држава и во својот град и да творат за се она што сме го вложиле во нив и ние како Универзитет и нивните фамилии, истакна Речкоска Шикоска.

Дипломецот Димитар Митрески кој ги заврши студиите по компјутерски науки и инженерство вели дека Универзитетот му отвори многу можности.

Бидејќи студираме и на македонски и англиски јазик можам да сум конкурент на светскиот пазар. Продолжив со мастер студии во Скопје на Факултетот за компјутерски науки и инженерство и сум фокусиран во науката за податоци и машинска интелегенција. По завршување на мастер студиите би сакал некое време да работам во странство, а долгорочно би останал во Охрид и Македонија да работам и да се развивам понатаму, вели Митрески.

Топло го препорачува Универзитетот на сите идни студенти, бидејќи вели навистина има модерни и интересни студиски програми и може многу да се научи, а дополнителен мотив е и пријателскиот однос на образовниот кадар.

Доделени дипломите на студентите на УИНТ „Св. Апостол Павле“

Инаку, годинава 140 студенти го започнаа образовниот процес во новата академска 2023/2024 година на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски