Со интонирање на химната на Македонија вчеравечер започна прославата по повод свеченото доделување на дипломи на матурантите при ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ генерација 2023/2024.

Во овие четири години што поминаа, се соочивте со нови предизвици, предизвици, кои ви беа непознати, се фокусиравте на четиригодишна специјализација во струката што ja избравте, затоа што вие, драги матуранти, ги препознавте можностите кои ги нуди нашето училиште, својата иднина ја насочивте кон стручното образование и можноста за професионална наобразба во современ и модерен Центар каков што е нашиот, истакна во своето обраќање на матурантите директорот Сашо Недески.

Горд сум на успехот на нашите заложби за модернизација на Центарот во кој има одлични услови за работа, на заложбите на целиот колектив, кој секогаш беше со вас и до вас не штедејќи се да ви пренесе знаења и вештини за вие да станете способни за работа и практично да го примените сето она што го научивте во училишните клупи. Од особено значење е и партнерството со компаниите каде ја реализиравте практичната настава, кои не себично ви ги пренесоа нивните знаења и искуства за што изразувам голема благодарност до нив, додаде Недески.

Пред матурантите свое пригодно обраќање имаше заменик градоначалничката Ана Крстеска која им посака многу среќа и успех во животот.

Ова е навистина свечен чин, бидејќи нашите матуранти денеска го добиваат својот билет за иднината, а тоа е дипломата за завршено средно образование, која претставува резултат на голем труд и симбол на еден нов почеток. Во време на брзи технолошки промени, техничките струки играат клучна улога во создавањето на нашето идно општество. Вашето образование во техничките области не е само усмерување кон една професија, туку и средство за решавање на комплексни проблеми и градење на иновации, кои ќе го обликуваат индустрискиот развој. Во овој контекст, дуалното образование кое се спроведува во ова училиште претставува мост помеѓу теоријата и практиката, овозможувајќи ви да стекнете реални вештини и искуства кои ќе имаат непроценлива вредност во вашите идни кариери, рече Крстеска.

На учениците Ана Новеска и Бобан Кочески им беше доделена диплома за првенец на генерација, а диплома за континуиран одличен успех и примерно поведение им се додели на учениците: Владимир Смилевски, Никола Каланоски, Петар Танаскоски, Драган Кутаноски, Бојан Петроски, Александар Трпески, Јован Маркоски, Марија Дојчиноска и Емилија Данилоска.

Како што беше истакнато во генерацискиот говор на матурантите, по спроведената анкета, организирана од ученици од училиштето, професорката Александра Настоска-Николоска е избрана за најомилен професор меѓу учениците.

Доделени дипломите на матурантите во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“

Со забавниот дел продолжи прославата на матурантите, која заврши со традиционалното фрлање на капи.

OhridNews