Со пригодна свеченост на сцената од Долни Сарај, вчеравечер беа доделени дипломите на матурантите од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.

Изминаа четири години кои го означуваат еден од најубавите периоди во вашиот живот, период на безгрижност, искрена радост и вљубеност во животот, рече во обраќањето директорот на училиштето Ристе Јанкоски.

Низ годините што изминаа и вие како ученици, но и ние како професори, постојано учевме и се надоградувавме едни со други. Ние бевме вашата поддршка, ваши наставници, воспитувачи, но и ваши родители. Искрено пристапувавме кон секој ваш проблем или желба за напредок. Некогаш видливи, некогаш не, се трудевме да бидеме столбот кој ќе ја изгради вашата посакувана иднина. Од срце да ви дадеме сѐ што можеме – и знаење, но и искрени родителски совети. Но, тоа никогаш не е еднострано. За нас бевте ветер во грб кој нѐ поттикнува секој ден да бидеме сѐ подобри. Од утре сте веќе свои личности за кои посакувам цврсто да чекорат кон сопствената иднина, знаејќи што сакаат од животот. Во морето од можности, да го одберете она што ве прави среќни, но и горди на себе. Секогаш имајте на ум дека колку ќе вложите во себе, толку ќе можете и да очекувате, потенцираше Јанкоски.

Во име на Општина Охрид за постигнатитот успех им честиташе советничката Ана Крстеска која потенцираше дека упорноста и трудот секогаш се исплаќаат.

Вашите способности за напорна работа, Вашата интелегенција, образованието кое ќе го стекнете, Ви даваат уникатен статус во општеството, бидејќи токму Вие сте супер силата на нашето општество. И доколку го искористите Вашиот глас да им помогнете на безгласните, Вашата сила за да им помогнете на немоќните, горди на Вас нема да бидат само родителите, туку сите оние на кои сте успеале да им помогнете. Не е потребна магија за да се направат промени во светот. Потребната енергија за промени ја носиме во нас самите, им порача советничката Крстеска.

Во рамки на свеченоста беа доделени и посебни плакети за значаен успех и придонес за афирмација на училиштето.

Фото галерија:

Доделени дипломите на матурантите од економското училиште во Охрид

Н.С.Ј.