И покрај жестокото противење на Кина, во Осло е одржана свеченоста по повод доделувањето на овогодинешната Нобеловата награда за мир. Како што јавува „Макфакс“ свечената церемонија се одржа во присуство на претставници од 48 земји.

Наградата не е врачена, нејзиниот добитник, кинескиот дисидент Лиу Ксиаобо, се наоѓа на отслужување на 11 годишна затворска казна. Актерката Лив Улман ја прочита изјавата на Лиу, што тој ја даде на неговото судење во 2009-та.

„Јас, исполнет со оптимизам, го очекував доаѓањето на иднината – слободна Кина, нема сила која може да ја оконча човековата потрага по слобода и Кина на крајот ќе стане нација во која владее правото, каде човековите права се врвно право“,  вели тој во изјавата.

Претседавачот на Нобеловиот комитет Торбјорн Јагланд рече дека Луи наградата ја посветува на „загубените души од 4 јуни“, оние кои на тој ден во 1989 година, загинаа во протестите на плоштадот Тијанмен. Тој дополни дека „Норвешкиот комитет жали што лауреатот денес не е овде. Луи е во изолација во затвор на североистокот на Кина. Поради тоа денес нема да бидат доделени комеморативниот медал и дипломата. Ова покажува дека наградата била неопходна“.

Во својот говор Јагланд ја пофали Кина за извлекување на милиони луѓе од сиромаштија, тој тоа го нарече „неверојатно постигнување“, но ја предупреди Кина дека нејзиниот нов статус, на водечка светска сила значи дека Пекинг „мора да ги прима критиките како позитивни“.

Кинеското Министерство за надворешни работи ја осуди церемонијата како „политичка фарса“.

OhridNews