Поетот и книжевен историчар Славчо Ковилоски денеска ја прими наградата „Григор Прличев“ за најдобро поетско дело за 2018 година за поемата „Крале Марко по вторпат“. Наградата му беше доделена на традиционалната свеченост што во рамки на Прличевите беседи се одржува секоја година во Охрид.
Како што потенцира лауреатот Ковилоски, добивањето на наградата за него претставува чест и задоволство, но и обврска и понатаму да работи и создава нови, квалитетни дела.
- Работата, подготовката на поема секогаш е подолгорочен процес споредено со пишувањето обична поезија, па дури и на роман. Мора поемата да има некаков тек, за да се задржи вниманието. Голема е честа што ја добивам наградата што го носи името на Григор Прличев, рече Ковилоски.
Поемата говори за повторното будење на Крале Марко, излезен од скривалиштето во Демир Капија, неговото повторно будење, гледање на современиот свет, раскажување на приказната за неговото минато, приказната за неговата можна иднина.
Активностите во рамки на „Прличевите беседи“ почнаа со промоција на монографијата посветена на 30-годишнината од одржувањето на културната манифестацја „Поетски ноќи во Велестово“ и со ликовна изложба на дела на уметници од Македонија.
Продолжуваат утре со панихида на гробот на Прличев во дорот на црквата „Света Богородица Перивлепта“, а Беседа за неговиот лик ќе одржат академик Витомир Митевски и секретарот на Друштвото на писатели на Македонија Мишел Павлоски. Во родната куќа на прличев ќе се одржи и познатата „Охридската визита“ која годинава е во чест на охридскиот писател и поет Видое Видически.