Агенцијата за храна и ветеринарство издаде решенија за забрана за користење на вода за пиење во повеќе села и населени места во општина Дебрца.

По извршениот инспекциски надзор и земените мостри од страна на екипите на Центарот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, констатирано е дека во село Мешеишта , во локалниот водовод, отсуствува присуство на хлор и водата за пиење микробиолошки е неисправна за пиење.

  • Во селото Климештани исто така нема хлор, водата од локалниот водовод е микробиолошки неисправна и не смее да се употребува, изјавија за OhridNews овластени лица од кои го извршија надзорот на водата за пиење од локалните водоводи во општина Дебрца.

Како што се наведува во записникот до кој дојде OhridNews, микробиолошки неисправна вода за пиење има и во водоводите во Требеништа и Горенци.

За катастрофалната состојба со локалните водоводи надлежните институции ја известиле општината Дебрца од каде им било кажано дека ќе бидат обезбедени потребните количини на хлор за дезинфицирање на локалните водоводи.

Согласно законските прописи Агенцијата за храна и ветеринарство и останатите институции, денеска изготвија соодветни решенија кои биле доставени до надлежните во општина Дебрца, со кои се забранува употреба на водата за пиење од локалните водоводи во наведените места.

Земени се мостри за понатамошно испитување и од Белчишта, Грко Поле, Средоречје.

OhridNews