Кој ќе стпанисува со плажите во централното подрачје, ќе се знае по одлучувањето за поднесените приговори. Општинската комисија по минатонеделното наддавање за плажите има рок од пет работни денови да разгледа и одлучи по приговорите. Како што информираат од локалната самоуправа, приговори поднеле сите кои учествувале во електронското наддавање, дури и лица кои не учествувале. Во меѓувреме, додека трае постапката со плажите ќе стопанисуваат досегашните концесионери.

-За жал, по првото наддавање не добивме чиста ситуација за тоа кој ќе управува со плажите, но се надевам дека ќе има појасна ситуација наредната недела. За плажата број три немаше наддавање и треба да остане затворена, а ако има активности надлежните ќе реагираат. За другите не може да се даде прецизен одговор, тоа се фирми регистрирани и работаат како кафеани. Процесот трае, законски не можеме да ги спречиме да ја обавуваат таа дејност додека трае постапката, вели портпаролот на општина Охрид, Томе Џамтоски.

Џамтоски се надева дека за плажите кај кои ќе дојде до евентуално менување на концесионерот ќе има процес на договор меѓу досегашниот и идниот концесионер, со цел да не се руши досега изграденото и плажата да се враќа во првобитна состојба.

Зошто тендерот за издавање на плажите е реализиран сега кога веќе е почната туристичката сезона, Џамтоски рече дека тоа било поради долгата процедура.

OhridNews