Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, во најстрога тајна ги чува информациите околу изборот на добитниците на наградата и повелбите. Не се соопштува ниту бројот на пристигнати апликации. Како што дознаваме деновиве комисијата треба да одржи состанок на кој ќе биде донесена одлука околу доделувањето на општинските признанија, а добитниците официјално ќе бидат соопштени на прес конференција.
И годинава Општина Охрид во чест на празникот „Св.Климент Охридски“ – Патронот на Охрид доделува една награда и три повелби. Наградата се доделува за животно дело (остварувања за подолг изминат период што претставува творечка или континуирана работна целина), додека повелбата се доделува за врвни достигнувања во сите области од општествениот живот од особено значење за општина Охрид што претставуваат посебен придонес за нејзиниот развој и севкупен напредок и афирмација во Републиката и Светот.
Засега единствено се знае дека Општината годинава ќе додели признание почесен граѓан на Охрид, кое ќе му биде врачено на амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере.