Познатиот музичар, филозоф и хуманист од Индија, Рави Шанкар, е добитник на Светската награда за хуманизам, што ја доделуваат Охридската академија на хуманизмот и Универзитетот за аудиовизулени уметности ЕСРА. Шанкар кој е познат и како Моцарт на азиската музика, по 30 години се враќа во Охрид и ќе биде дел од јубилејното издание на фестивалот „Охридско лето“, најави Јордан Плевнеш од Охридската академија на хуманизмот.

– Рави Шанкар кој пред  30 години настапи во Света Софија оваа година ќе биде специјален гостин на Охридско лето. Исто така ќе биде гостин и на големата манифестација што ја организира Македонија во Брисел на 5-ти септември, во чест на стогодишнината од раѓањето на мајка Тереза, истакна Плевнеш.

Тој најави дека ќе продолжи  објавување книги поврзани со градовите на добитниците на Светската награда на хуманизмот. По книгите Охрид – Токио, потоа Охрид – Порто и Охрид – Москва, годинава ќе биде објавена книгата Охрид – Њу Делхи, најави Плевнеш.

Наградата на Шанкар во Њу Делхи му ја врачи македонскиот амбасадор во Индија, Петар Јованоски, а тој ќе биде прогласен и за почесен доктор на универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА.

Ohridnews