Минатата седмица на универзитетот во Пенсилванија пристигнало писмо за студентот Кларк К. Мур, кој има 74 години и со децении не студира на универзитетот. Писмото било испратено во далечната 1958 година, а уште долго немало да пристигне до својата цел, доколку веста за него не ја видел еден пријател на Кларк на телевизија. Имено, Кларк го променил своето име во Мухамад Сидек и се преселил во Индианополис, па на претставниците на универзитетот им било тешко да го пронајдат.


Залутаното писмо било со љубовна содржина, а му го испратила девојката додека тој бил далеку од дома, на факултет. Било потпишано со зборовите „те сакам засекогаш Вони“. Пензионираниот учител Кларк раскажал дека се венчал со Вони, добиле четири деца, а потоа и се развеле. Долго не се слушнале, па Вони се вознемирила кога дознала дека Кларк го примил нејзиното писмо. Тој многу сакал да го прочита бидејќи сведочело за нивната љубов во тоа време.