Изминатиот викенд во Тетово каде домаќин беше екипата на Шкендија се одржа првото коло од новата сезона во бокс за 2023 година. Охридските боксери од тимот „Алексо Огненовски“ настапија со пет свои боксери и забележаа две победи и три порази.
Победи остварија поискусните Петар Трајчески и Димитар Ѓорески додека поразени во своите први мечеви беа пионерчињата Давид Јаковчески и Лука Грозданоски. И покрај поразот тие покажаа голема храброст, пожртвуваност и воља за победа но неискуството си го направи своето, информира клубот.
Мартин Јузмески настапи во јуниорска конкуренција во категоријата до 48 килограми покажувајќи маестрален бокс против повеќекратниот македонски првак Мамутовски од Куманово. Сепак, охриѓани се жалат на пристрансоста на судиите што, според нив, влијаело на исходот на мечот.
Уште од првиот удар на гонгот ја зеде иницијативата и го притискаше противникот кон јажињата каде на неколку наврати успеваше да зададе серии од силни крошеа и аперкати приморувајќи го Мамутовски да се фаќа во клинч, притоа правејќи опасно ниско движење со главата. Судиите останаа неми на ваквиот начин на водење на борбата од страна на Мамутовски и му овозможија на крај во стилот “удри-бегај” да ја добие борбата во рунди 2-1. – велат од охридскиот бокс клуб.
Следниот настап за охриѓани е на 13-ти мај кога ќе гостуваат во Штип каде домаќин е екипата на Баргала.
OhridNews