Од пријавени 1100, вчера, во регионалниот вакцинален центар во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, се јавиле 900 лица, што според ангажираниот медицински персонал е добар одзив.
Одзивот на граѓаните е задоволителен, би рекол и одличен. Очекувам бројот на вакцинирани лица да надмине 1000 дневно, што би било извонредно. Луѓето не треба да се плашат, вакцината е безбедна и, како што постојано велам, единствен начин да ја победиме оваа пандемија. – изјави за OhridNews Др. Горан Балевски, директор на Општа Болница Охрид.
Вакцинацијата ја врши обучен медицински персонал на 28 пунктови. На лекарите и медицинските сестри им помагаат волонтери од локалната самоуправа и организации од градот.
Освен во регионалниот центар, се вакцинираат и пациенти кои, поради здравствената состојба, не се во можност да дојдат на закажаниот термин. Во такви случаи, мобилен медицински тим се упатува во домот на болниот или изнемоштен пациент и врши вакцинација, објаснува Др. Балевски.
Во текот на вчерашниот ден се вакцинираше и медицинскиот персонал од болниците и здравствените установи во регионот, за што се обезбедени посебни пунктови.
Од исклучителна важност е медицинскиот персонал да биде имунизиран, затоа што е изложен на опасност. – потенцира Др. Балевски.
Балевски истакна дека полека попушта притисокот на болниците, чиј персонал е уморен и истоштен од долгата битка со Ковид 19. Во моментов во ковид центарот во Општата болница во Охрид се хоспитализирани 60 пациенти, што е значително помалку во споредба со минатиот месец, кога тој број беше повеќе од двојно поголем. Др. Балевски е оптимист дека масовната вакцинација ќе придонесе да се прекине синџирот на зараза и дека резултати ќе видиме веќе претстојното лето.
Г.М.