Невработените охриѓани кои се активни баратели на работа до 10 март 2015 година ќе имаат можност да аплицираат за започнување сопствен бизнис преку Програмата за самовработување која ја нуди Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Финансиската поддршка за програмата за самовработување за годинава опфаќа обезбедување експертска поддршка во форма на обука за претприемништвото и водење бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите во висина од 16.600 денари; финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема или репроматеријали во износ од 185.000 денари, како и финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема или репроматеријали во висина од 257.000 денари за најуспешните 32 кандидати кои ќе презентираат одржливи и иновативни бизнис-планови и согласно критериумите за евалуација се оценети за бизниси кои имаат најголем потенцијал за раст.
-Исто така се обезбедува и финансиска поддршка за дополнително вработено лице за 60 фирми корисници во вид на опрема или материјали во износ од 92.000 денари, за кандидати кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кој јасно укажува на потреба од вработување на уште едно лице за успешно функционирање на бизнисот, велат од Центарот за вработување од Охрид.
Оттаму појаснуваат дека лицата кои ќе регистрираат фирми и кои финансиски ќе бидат поддржани, најмалку 2 години нема да можат да се евидентираат како невработени лица во АВРМ.
-Доколку лицето кое ќе добие средства од ова програма престане со вршење на дејноста, а со тоа престане и работниот однос пред истекот на една година од датумот на регистрирање на бизнисот има обврска да врати 80% од финансиските средства искористени за набавка на опрема или репроматеријали во паричен износ, во период од 12 месеци. Доколку престане со вршење на дејноста пред истекот на 2 години од датумот на регистрирање на бизнисот, има обврска да врати 60% од финансиските средства искористени за набавка на опрема или репроматеријали во паричен износ, во период од 12 месеци, објаснуваат надлежните во Центарот за вработување од Охрид.
Програмата за самовработување, Агенцијата за вработување на Република Македонија ја спроведува со поддршка на Канцеларијата на УНДП, а за годинава од државниот Буџет се издвоени 202 милиони денари.
OhridNews