Државниот пазарен инспекторат – Одделение за инспекциски надзор Охрид има извршено вкупно 226 инспекциски контроли и надзори oд стапувањето на сила на одредбите од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест COVID – 19, предизвикана од вирусот SARS CoV-2.
Не се констатирани прекршувања на одредбите од цитираната Одлука и Протоколите за отворање и работа на угостителските објекти. Надзорите се вршат во соработка со МВР СВР Охрид, со цел утврдување на веродостојноста на презентираните сертификати/потврди за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS CoV-2, односно на сертификатите за прележан COVID – 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, вели Силвана Завојчевска, државен пазарен инспектор.
Државниот пазарен инспекторат – Одделение за инспекциски надзор Охрид, во рамките на своето работење беше присутен и на сите организирани настани (концерти), кои се одржуваа во Охрид вели Завојчевска.
Притоа, за непочитување на одредбите од Одлуката и наменските протоколи за организирање настани од ваков вид, од страна на Инспекторатот се изречени глоби на четири организатори на настани, во вкупна вредност од 15.000 евра во денарска противвредност. На истите правни субјекти изречени им се и глоби за непочитување на одредбите од Законот за трговски друштва (во текот на своето работење не ја употребувале фирмата запишана во решението од Централен регистар на РСМ) во вкупен износ од 7 800 евра во денарска противвредност. Исто така на организаторите на настаните им се изречени и забрани за вршење на дејност, за што се донесени и решенија, вели Завојчевска.
При инспекциските надзори констатирано е и прекршување на одредбите од Законот за угостителска дејност во поглед на непочитување на законски утврденото работно време, неисполнувањето на минимално техничките услови за вршење на угостителска дејност и работа пред угостителскиот објект без да поседуваат одобрение за вршење на дејноста издадено од градоначалникот на општината.
Од тие причини изречени се 8 глоби во вкупен износ од 1 600 евра во денарска противвредност и донесени се 3 решенија за привремена забрана за вршење на дејност. Во поглед на спречување на нелојална конкуренција, од страна на Државниот пазарен инспекторат се извршени и надзори кај нерегистрирани трговци со овошје и зеленчук, при што се изречени 10 глоби во вкупен износ од 2 000 евра во денарска противвредност и донесени се 10 решенија за привремена забрана за вршење на дејност, додава Завојчевска.
Н.С.Ј.
фото: архива