Во врска со реакцијата од неформалното здружение Охрид СОС за несоодветна градба во старото градско јадро за која е издадено соодветно конзерваторско одобрение, директорот од НУ Завод и Музеј Мишко Тутковски во изјава за OhridNews вели дека установата уште од прв ден побарала насоки од Управата за заштита на културното наследство за овој проект, но сеуште немаат одговор назад.
Комисијата за управување со охридскиот регион посочила во извештајот дека треба да се променат одредени работи во Планот, да се ревидира и тоа е последниот збор пред неколку месеци. Врз основа на тоа, требало да реагира Управата и другите надлежни тела и да направат ревизија на проектот. Од тогаш, до денес до НУ Завод и Музеј Охрид нема стигнато никаков документ. Она што ние го дознавме од други страни е дека всушност Управата ја стопирала постапката со инспекциска постапка и сега повторно им е дозволено да продолжат со реализација на проектот, значи рушење, па градење на нова куќа, вели Тутковски.
Директорот истакнува дека тие како институција немаат добиено насоки за процедурата, и дека Завод и Музеј издава само мислење додека крајното одобрение го издава Управата за заштита на културното наследство.
Во првичната фаза на тој проект јас не бев директор, меѓутоа знам дека тогаш било дадено позитивно мислење од Завод и музеј од Охрид и било спречено од Комисијата за управување со Охридскиот регион, но Управата повторно одлучува дека не се валидни тие мислења затоа што оваа постапка била отпочната порано, пред донесување на Планот со управување и дозволува да продолжи со реализација. Ние како Завод и Музеј не можеме да спречиме, меѓутоа уште од првиот ден кога видовме дека луѓето рушат се обративме писмено, ја известивме Управата да ни дадат насоки до каде е процедурата, дали е легално тоа што го прават или не, ние се уште немаме одговор назад, додаде Тутковски.
Инаку, станува збор за изградба на куќа на 4 ката на место каде што веќе постои куќа на две нивоа, односно истата ќе се руши, а на тоа место ќе биде изградена нова градба која според Охрид СОС, ќе ја наруши карактеристичната топографија на теренот.
K.A.