Со над два милиони евра преку обуки и практиканство, во наредниот период ќе се даде поддршка за интеграција на младите лица до 29 години, долгорочно невработените и жените на пазарот на труд со цел полесно вработување. Средствата се обезбедени од ИПА програмата на Европската унија за реализација на проектот „Поддршка за вработување млади лица, долгорочно невработени и жени II“, кој беше промовиран денеска во Скопје.

-Со овој проект значително ќе се придонесе за надминување на невработеноста и поддршка на околу 5.000 невработени лица од овие категории кои ќе се здобијат со вештини барани на пазарот на труд, рече на презентацијата министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Toj додаде дека со вториот директен грант, ќе се придонесе за збогатување на активностите на Агенцијата за вработување како директна поддршка за невработените лица, преку активните мерки за вработување.

-Преку мерката  практикантство ќе се овозможи 1.000 невработени млади лица до 29 години да посетуваат обуки за  практикантство и на 1.000 лица да посетуваат обуки кај познат работодавач во реални работни услови. Исто така, предвидено е 2.000 невработени лица да се вклучат во обуките за општи вештини (учење на странски јазици и основни комјутерски вештини)  и 720 долгорочно невработени лица во обуки за вештини дефицитарни на пазарот на труд од кои 220 лица ќе се вклучат во обуки за напредни ИТ вештини, појасни Спасов. 

Според него овој проект претставува директна поддршка на стратешките определби на Македонија од страна на ЕУ.

OhridNews