И што после, некој ни бил крив! Некој друг ни го сместил, родени сме да трпиме неправди, да прифатиме дека така требало, некој друг многу силен стои позади сето тоа, а ние сме тука само да си ја пулиме работата! Бели во очите секој ден…

Бели како нивните возила што не може а да не ви паднат во очи секој работен ден од 9 до 15 часот, со најмногу еден патник и возачот, се шпацираат по Туристичка, а не се такси возила! Да не беа барем означени дека се службени, можеби нема да иритираа, ама се сомневам – нови се и без ознаки ќе ги забележиш на оваа сиромаштија.

Ако сте во недоумица кој ве нервира секојдневно за ваши пари, да ве потсетам дека не би требало да се возилата на Т-хоме и ЕВН. На овој или на оној начин тие се приватни фирми, а тука првите веќе имаат и конкуренција, не мора да им плаќаш! Вторите, од ЕВН се слична мака на оваа која ја кажувам, но сепак многу далечна. Сличностите се само во тоа дека се монопол на пазарот и дека не можеш никако да им избегаш!
 
Да господа бели во очите, обелени од тоа што ви блешти секојдневно пред носот а не го забележувате: зборувам за Јавно Претпријатие Проаква. На истиот овој портал кликнете барај и запишете го зборот Проаква, оваа вест би требало да биде 275 каде ќе се спомне зборот Проаква. Доволно е само насловите да ги прочитате и ќе ви стане јасно дека во барем половина од нив се кука дека се нема, дека се трпат штети, дека некој друг е крив, дека нема плати за вработените, а останатите се известувања за дефекти, прекини… АЛО, дали е тоа сликата која ја добиваме за фирмата испишана на новите бели возила земени на лизинг кој секојдневно и беспотребно се шпацираат низ градот небаре на вода се движат!? Кој за нив го плаќа бензинот, кој ја плаќа ратата, таму ли се парите за одржување на колекторот, за пумпите кои прегореа од „надојденото езеро“, за неизградената канализација во населбите кои се се поголеми?!
   
И тука, на улица, кога пред мене ќе помине бело означено возило, секојдневно си го распламтувам и си го потиснувам гневот, како секој добар, трпелив Македонец. Ќе се поднасмеам како да не забележувам непотребно трошење пари за реклами во локален медиум, за цели телевизиски емисии во закупен термин во кои нема што да се каже, а сепак се емитуваат додека гостите и водителот се мачат да ја дотуркаат емисијата која постои за никој да не ја гледа! Поминувам низ сето тоа и се тешам дека е провален начин да се подизвади некое париче по системот на-ти го – дај ми го, да се подзакрпи некое партиско парталче или нејзини послушници и си викам нека им биде, смешни се ама можеби и нив некој ги притиска!
   
Сигурен сум дека како нормален човек и домаќин не би требало така лесно да преминам преку тоа – тие трошат наши пари! Но сепак… Македонец сум и свесен сум дека сум вистински, да не бевме такви досега далеку ќе стигневме ако барем малку повеќе внимававме на она што е наше и за нас. Наместо тоа, бели сме во очите… И уште еднаш велам, Македонец сум и се палам кога треба да критикувам нечија одлука, кога мислам дека од некого подобро би одлучил, а како да не се запалам на оваа одлука!?
   
Прекин на снабдување со вода во сабота!!!

Како да се сосаа деновите!? Во сабота се прават свадби, во сабота доаѓаат викенд туристи, во сабота се средуваат сите работи што не можеш да ги средиш додека си на работа!

Луѓе, оваа сабота е последна пред матурите, да се доспремат родителите за да не бараат уште еден слободен работен ден!

Каде живеат тие што одлучиле во сабота да ја сопрат водата? Што ги натерало? Сакам да ме просветлат со одговорот.
   
Господа новинари, ако ви е доволна само информација тогаш пренесете ја: Во сабота ќе нема вода цел град и околината! – така рекол мудурот.

„Народе македонски со какви идеи си ти…“

Тодоровски Никола