Деновиве слушам дека децата-ученици кои имаат неколку единици, не се дисциплинирани и сл., ќе, одговорните во училиштата ќе пробаат да ги дисциплинираат преку парична казна на нивните родители??

Уште еден бисер, уште една  забегана идеја која нема да го реши проблемот туку ќе создаде нов. Замислете како ќе реагира родител кој крај со крај не може да врзе, едвај преживува, да му стигне казна зошто детето имало три единици. Се знаеме, наши сме, реакцијата кај повеќето ќе биде ќотек. Ова е само префрлување на жешкиот костен на родителите па нека се горат тие.

Ако веќе надлежните сакаат нешто да направат за тие деца тогаш нека погледнат, нека прашаат како ова прашање се решава во некои земји кои можат да ни бидат за пример во многу нешта.

Еве на пример Словенија. Пред 15-тина години поминав 3 месеци (практична работа) во домот Илија Милчински близу Крањ. Тој дом е специјализиран за деца од цела Словенија, деца кои пројавиле недисциплина во училиштата, деца кои претставувале лош пример за другите и сл. Државата ги собрала на едно место со комплетна екипа на стручни лица – педагог, психолог, социјален работник и други предметни професори кои постојано работат со нив и кога тие ќе констатираат дека детето напредувало донесуваат одлука за враќање во редовниот образовен процец во местото од каде дошло.

Од она што јас го видов можам да кажам дека луѓето имаа голем успех и ретко кое дете останувало подолго од пола учебна година.

Како тргнало кај нас може утре да бидат казнети родителите на сите оние млади деца-луѓе кои ја напуштија Република Македонија барајќи егзистенција надвор.

Со децата треба да се работи постојано а не да се констатираат нивните слабости, да не се превзема ништо а на крајот да се удри по џебот на родителот.

Авторот познат на редакцијата

*Ставовите
изнесени во рубриката „Писма“ се ставови на авторите и редакцијата на
OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.