Поставување на ограда и резервоар за вода на депонијата Буково се дел од мерките кои ќе ги преземе општина Охрид за подобрување на стандардите за депонирање на отпад. Според надлежните, се работи за привремени мерки кои треба да ја подобрат функционалноста на депонијата додека се реши прашањето за изградба на Регионална депонија во Југозападниот регион.
-Се грижиме во рамки на нашите можности да ја одржуваме функционална депонијата, иако сме многу свесни дека тоа не е трајно решение. Со помош на средствата добиени од Светска банка ќе овозможиме оградување на депонијата, а дополнително од нас беше побарано да се набави резервоар за вода на тој дел, изјави Димитар Спасески, секретар на општина Охрид.
Тој објасни дека Охридската локална самоуправа ги презела сите мерки за поддржување на процесот за изградба на Регионална депонија.
-Општина Охрид беше единствена општина која немаше донесено одлука за учество во регионалните депонии и на една од првите седници на Совет, оваа локална власт ја донесе таа одлука. Максимално сме посветени на тој процес, кој сметаме дека е трајно решение на оваа проблематика, рече Спасески.
Тој истакна дека општината во иднина ќе се труди да ги почитува Планот и Програмата за управување со отпад, кои ги усвои Советот на општина Охрид на последната седница.
Според досегашните информации, во делот на процесот за отварање на Регионална депонија во Југозападниот регион веќе е потпишан договор за меѓуопштинска соработка и се очекува во 2015 година да отпочне тендерска постапка, која подразбира изработка на студија за локација на регионална депонија. Доколку се тече според предвиденото, регионалната депонија се очекува да биде функционална во 2017 година.
Според најавите, Изградбата на регионална депонија во Југозападниот плански регион ќе се финансира од ИПА фондовите, а предвидено е со депонијата да стопанисува регионално јавно претпријатие или концесионер.
OhridNews