Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на јавното претпријатие државни патишта, Ејуп Рустеми и градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, денеска извршија увид во градежните работи на рехабилтација на регионалниот пат Струга – Ќафасан.

Рехабилитацијата, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, се реализира во должина од 19,3 километри, на потег од кружниот тек Подмоље до граничниот премин Ќафасан. Според информацијата, предвидена е целосна рехабилитација на патниот правец со поставувње нов асфалт, инвестиција вредна осум милиони евра.

Патниот правец Струга – Ќафасан, според министерот Бочварски, е многу значен, бидејќи не поврзува со Република Албанија и е дел од Коридорот 8.

Со средства од ЈП за државни патишта го рехабилитираме за да овозможиме квалитетна патна врска за граѓаните на Струга, Охрид, Дебар и пред се поради регионалното поврзување. Имаме обврска да создадеме квалитетна патна мрежа низ државата и оваа година имаме силна инвестициона активност за да го постигнеме тоа. Овој патен правец е дел од нашите инвестициони планови и до есен планираме да биде завршен, изјави Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта Рустеми оцени дека досега се реализирани над 20 отсто од градежните работи.

Со проектот предвидено е целосно рехабилитирање на патот до граничен премин Ќафасан. Патот е со две ленти од 3,5 метри, а планирано е да се постават и нови банкини. Предвидено е да се рехабилитираат и три мостови на патниот правец. Со рехабилитацијата ќе ја подигнеме безбедноста во сообраќајот на оваа делница. Очекувам до октомври патот целосно да го рехабилитираме, рече Рустеми.

Реконструкцијата на овој патен правец за градоначалникот на Струга, е од огромно значење заради регионалното поврзување, развој на економијата и локалниот развој на регионот.

OhridNews