Охридските љубители на филмската уметност на 3-ти ноември 2014 година, во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе имаат можност премиерно да го погледнат најновото филмско остварување „До Балчак” на режисерот Столе Попов.

„До Балчак” е работен по сценарио на Горан Стефановски, а директор на фотографија е Апостол Трпевски. Музиката во филмот е дело на Дуке Бојаџиев, сценограф е Миленко Јеремиќ, а костимограф Емилија Ивановска.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Инти Шрај, Мартин Јордановски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мики Манојловиќ, Искра Ветерова, Никола Којо, Сенко Велинов, Никола Ристановски.

-Дејствието на филмот се случува во првата декада од XX век. Филмот е сурова, но романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност, лишена од било каква идеологизација. Слободата, правдата, љубовта, среќата, жртвувањата и предавствата се доживеани низ катарзични емоции што допираат „до балчак”. Ова е филм за дијалектичката средба на митското со антимитското, филм во којшто се среќаваат легендите и раскажувањата со реалната стварност на суровиот живот, низ македонската историја, исполнет со историски апсурди, пиштува меѓудругото во кратката содржина која е објавена на интернет.

Проекцијата на филмот ќе започне во 20 часот, а влезот чини 100 денари.

OhridNews