ДНК тест со  99,9 процентна прецизност потврдил дека за време на нападот на американските војници во Пакистан, еден од убиените е Осама бин Ладен, јави Асошиетед прес повикувајќи се на претставници на администрацијата на американскиот претседател  Барак Обама.

Како што дополнува агенцијата, какви и да се други детали за спроведување на тестот засега не се соопштуваат.

Операцијата за ликвидирање на најбараната личност на планетава и прв човек на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда, била извршена врз неговото скривалиште во голема куќа близина на центар за обука на пакистанската армија во Аботабад, во североисточен Пакистан.

Според разузнавачки извори, во акцијата бил убиен и еден од синовите на Осама бин Ладен и двајца курири на Ал Каеда. Акцијата траела четириесетина минути. Нема настрадани  во редовите на американските војници и оперативци. Еден од пакистанските хеликоптери се урнал, но поради механичка грешка при што загинал пилотот.

Информацијата дека Осама бин Ладен се сокрива во Пакистан, живеејќи во релативен луксуз на само 50 километри северно од главниот град Исламабад, била криена во најголема тајност. Комплексот во кој се сокривал бин Ладен бил изграден пред пет години, но американските разузнавачи засега не знаат колку долго водачот на Ал Каеда таму престојувал, впечатливо  ограден со висок ѕид и бодликава жица. Првите информации дека во оваа палата може да се крие Осама бин Ладен датираат од 2010 г.

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека дал дозвола за операцијата пред една седмица и дека за тоа биле известени пакистанските власти.

Светот ја поздрави акцијата на американските сили, а поддршка  на борбата против тероризмот изрази и македонската влада.

-Владата на Република Македонијаи ги поддржува акциите на меѓународната заедница за неутрализација на сите елементи кои го промовираат тероризмот и ги загрозуваат мирот и стабилноста. – се наведува во писмената изјава од Македонската влада.

Во соопштението се посочува дека акцијата за сузбивање на тероризмот во која во Пакистан беше ликвидиран водачот на терористичката мрежа Ал Каеда, Осама Бин Ладен е „победа на правдата и голем успех и огромен напредок во напорите за создавање побезбеден свет и искоренување на терористичките закани против човештвото“.

Македонија и натаму ќе продолжи дава свој придонес во активностите на меѓународната заедница за борба против тероризмот и терористичките закани, како и во активностите за промоција на мирот, демократијата и правдата, се наведува во соопштението.

OhridNews
извор: Макфакс