Во изминативе неколку дена екипата на иницијативата за печатење медицинска опрема успеа капацитетот за производство да го зголеми на 1000 заштитни маски на ден, со што е се поблиску до целта да се изработат и дистрибуираат најмалку 6.000 заштитни маски со визири до крајот на неделата.
Изминатите денови одколу 1600 заштитни маски со визири беа дистрибуирани низ болниците, клиниките и други здравствени организации, а дополнително се предадени заштитни маски со визири и на Пазарна инспекција.
Бројот на дистрибуирани заштитни маски со визири до денес брои повеќе од 3000 парчиња.
Покрај готови маски, испратен е материјал за работа до сите помали производствени групи по градовите низ државата, додека од денес, 3. април (петок) од 16-19 часот во ПЗУ Ординација по општа медицина „Медика Вера„ ќе се поделат заштитни маски и за ПЗУ матичните лекари, според нивните барања.
Планот за бесплатно снабдување со заштитни маски со визири за сите Јавни и приватни здравствени установи на национално ниво е во тек и се очекува да биде реализиран согласно производствениот капацитет и ресурсите до крајот на следната недела.
Членовите на иницијативата потсетуваат дека овие заштитни маски со визири се соодветно дезинфицирани, и дека се произведени од соодветни репро материјали кои можат со сигурност да ја извршат заштитната функција.
Врзано за информацијата дека се појавуваат заштитни маски со визири во малопродажба, од иницијативата апелираат да се почека да се обезбедат медицинските лица со заштитни маски бесплатно, бидејќи овие маски се произведуваат од донации, што беше и приоритет на оваа иницијатива. Штом оваа цел се реализира, иницијативата ќе се затвори и ќе се повлече и компаниите можат слободно да ги пласираат своите производи до широката јавност, велат иницијаторите на акцијата.
OhridNews