Врз основ на изработен проект од страна на вработени во секторот за локален економски развој, австралиската амбасада на дневниот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Зраци“ му додели грант во вредност од 5200 евра. Како што информира градоначалникот Никола Бакрачески кој денес го посети центарот, средствата ќе бидат искористени за понатамошно непречено функцинирање на центарот.

Дел од средствата ќе се искористат за плати на вработените во центарот, а дел за организирање екскурзии за децата и родителите , како и за промотивни активности за подигање на свеста на граѓаните и заедницата за потребата од поддршка на центарот и на овие лица и нивно подобро вклучување во заедницата, рече градоначалникот Бакрачески.

Зоран Костадиноски , дефектолог во „ Зраци“ појаснува дека доделувањето на грантот значи многу за центарот и додава дека со тоа голем дел од проблемите со кои се соочувале се надминати.

Може да се каже дека со обезбедувањето на овие средства најголемиот дел од тешкотиите и проблемите се завршени .Се движиме во вистинска насока. Со ова се обезбеди функционирањето на оваа установа со што се овозможува понатаму тековните проблеми редовно да се решаваат, вели Костадиноски.

Бакрачески имаше можност да поразговара и со родителите на лицата згрижени во центарот кои потенцираа дека центарот е од големо значење за нив, но при тоа ги потенцираа проблемите кои што поскоро треба да се решаваат и на централно ниво.

Центарот е од непроценливо значење за нив и за нас како родители. Ним денот им е осмислен, во една средина се каде можат да се дружат, а ние како родители можеме да одиме на работа и при тоа да знаеме дека децата ни се на сигурно и дека со нив работаат стручно оспособени лица за тоа. Напредок има, целта е нивно осамостојување во секојдневниот живот. Сепак треба да се направи повеќе во однос на менување на законите. Иако не сакаме да разговараме за финансии бидејќи не сакаме да изгледа дека бараме нешто повеќе, но сепак треба законски да се регулираат некои работи. Тие засега земаат 4000 денари нега за трето лице, значи тие пари воопшто не се нивни тие немаат свои средства бидејќи тие средства треба да ги дадат за некој да се грижи за нив. Не се ослободени во целост и во однос на здравствените услуги, многу пати на лекар плаќаме партиципација за прегледи, лаборатории а се знае дека со тек на време нивниот имунитет е се послаб, вели Орхидеја Топенчарова, родител на лице згрижено во центарот.

Дневниот центар „ Зраци“ опстојува веќе 15 години. Во него се згрижени десеттина  лица со кои работаат стручни лица ангажирани во оваа установа кои се обидуваат секојдневно да им помогнат со цел истите да бидат оспособени за различни активности и самостојно живеење.

Т. К.