Несекојдневната моноопера „Дневникот на лудиот“ синоќа ги освои срцата на публиката. Претставата е проект на Движечкиот музички театар ( Moving music theatre) од Битола во режија, музика и сценографија на Марјан Неќак.
„Ова дело на Гогољ, имено, претставува критика на општественото уредување во Русија во времето во кое живеел авторот. Додека пак, мојот лик, Попришкин е репрезент на едно шизофрено општество во кое секој се бори да докаже дека е нормален, а другите го перцепираат како луд. Дали е нормален оној кој се труди да живее во сопствен свет според својата филозофија или оној кој се потчинува на општествените догми и слепо ги следи размислувањата на другите. Токму тоа е конфликтот во секој еден од нас и воедно кулминација во претставата.“ – изјави актерот Озрен Грабариќ.
Клучните прашања кои се разработени во претставата се: Кој сум јас и зошто сум тоа што сум? Првото прашање е прилично филозофско, а од второто прашање, како што рече актерот Грабариќ, произлегува огромна фрустрација бидејќи секогаш имаме склоност да се споредуваме и да се запрашуваме како другите се побогати и подобри од нас. Тоа особено им е преокупација на луѓето кои се на маргините, на дното на општеството и оние кои се трудат на чесен начин да заработат за егзистенција . Нема некои најточни и јасни правила како да се стане богат и да се биде на врвот и токму тоа создава ужасна фрустрација. Тоа прашање не не остава рамнодушни: Како некој стекнал богатство и зошто е погоре од нас. –рече Грабариќ.
„Оваа претстава во суштина не го дава одговорот на решението, само го поставува проблемот, што воедно е целта на уметноста. Нам исклучително ни се допадна тематиката на ова дело, затоа што е универзална и секогаш актуелна тема. Веднаш штом се разбудиме, ние имаме секојдневна духовна борба, трудејќи се да го дефинираме нашиот идентитет наспрема прашањата за смислата и целта на нашиот живот.“-вели авторот на видеото, Марин Лукановиќ.
Особено впечатлива во претставата беше глумата во комбинација со пеењето, односно симфонијата на менталните, духовни и емотивни состојби на актерот. Публиката уживаше во креативноста на музичката партитура бидејќи без пеењето, не би бил истиот ефект и не би се доловила заробеноста на актерот во самиот себе и неговата конфузија за сопствениот идентитет.
Ивана Чичоска