Државното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ од Струга е избрано меѓу 90-те од Западен Балкан да учествува во програмата за размена на RYCO Superschools, во конкуренција од вкупно 550 училишта.
Нивниот проект „Notes of Unity: Bridging Two Music Schools Together“ ја помина строгата селекција на Регионалната младинска канцеларија за соработка – RYCO со седиште во Тирана, Албанија, инаку иницијатива на Берлинскиот процес, од каде и ќе биде финансиран.
Програмата за размена на RYCO Superschools, како што информира раководителот на струшкото музичко училиште Димитри Кумбароски, предвидува интеркултурна размена, на 17 ученици и двајца професори од Струга, со исто толку ученици и професори од музичкото училиште „Стефан Мокрањац“ од Пожаревац, Србија.
Целта на проектот е да ги подобри музичките вештини и да промовира културно разбирање преку активности за неформално образование. Активностите вклучуваат работилници, мастеркласи и заеднички изведби, обезбедувајќи им на учениците динамична и интерактивна средина за учење. Сесиите за културна размена ќе им овозможат споделување традиционална музика, танци и приказни од нивните региони, истакна Кумбароски.
Според него, предвидени се и активности на отворено што ќе овозможат истражување на културно-историското наследство на Струга и Пожаревац.
Музичките активности на отворено околу мирното Охридско Езеро ќе ја спојат природната средина со музичката уметност. Учениците ќе го истражуваат културно-историското наследство на Струга и Пожаревац. Оваа иницијатива ќе ги развие музичките способности на младите, културното разбирање и личен раст, создавајќи симфонија на учење и единство преку универзалниот јазик на музиката, изјави Кумбароски.
Меѓу 90-те избрани училишта, 15 се од Македонија, 30 од Србија, 16 од Албанија, 16 од Босна и Херцеговина, пет од Црна Гора и осум од Косово.
OhridNews