Изминатата недела во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се примени се 60 барања за мислења од институции, од кои најголемиот дел се однесуваат на вработувањата пред започнување на изборниот процес. Катица Николовска од ДКСК говорејќи за активностите на Комисијата во однос на целиот изборен процес за претстојните Локални избори 2021, информира дека постои правна несигурност во однос на одлучувањето во самите институции и бараат согласност од ДКСК.

ДКСК нема надлежност да дава мислења по овие предмети. Во делот на вработувањата се најголем дел од овие барања односно дали смеат да вработуваат итн… Во делот на измените во Изборниот законик предвидено е дека вработувања може да се вршат само во дел на неодложни и итни случаи, освен за потребите на воспитно образовниот процес, појаснуваше Николовска.

Од ДКСК повикаа секој да си ги носи одлуките во рамки на законските одлуки.

Според Билјана Ивановска, претседател на ДКСК, самата постапка на објавување огласи за вработување непосредно пред започнување на изборниот процес, не е во ред иако законски не е забрането.

Ние сметаме дека тие не се во духот на доброто управување и дотолку повеќе што веднаш треба да се стават во мирување. Со самото објавување ги ставаат во заложничка позиција оние кои очекуваат да бидат вработени и тоа може да го користат како класичен клиентелизам односно обезбедување гласови, рече Ивановска на прес-конференцијата одговарајќи на новинарско прашање.

Од ДКСК информираат дека и ова година ќе соработуват со меѓународната фондација за следење на изборните политички системи. Ќе се обезбеди поддршка со лица кои ќе бидат вклучени во следењето на изборните активности на учесниците во овие локални избори и во име на ДКСК ќе обезбедуваат податоци и информации во однос на начинот и видот на рекламирање и друго. За таа цел на веб страницата на ДКСК е објавен повик за пријавување на 50 набљудувачи за речиси сите општини и тоа  по еден за поголеми општини, а за помалите општини предвидено е еден набљудувач за две до три општини зависно од нивната големина и локација. Прв пат оваа година е објавен  повик за пет аналитичари чија надлежност ќе биде анализа на податоци и информации од финансиски извештаи, како и анализа на податоците што набљудувачите ќе ги приберат од терен и ќе ги достават до ДКСК.

OhridNews