Општините Охрид и Струга да преземат мерки за санација на секундарната канализација и издвојување на атмосферските и фекалните отпадни води, а државното јавно претпријатие „Колекторски систем“ да добие повеќе средства за реконструкција и санација на колекторот на Охридското Езеро. Ова го препорачува Државниот инспекторат за животна средина – ДИЖС, по извршениот вонреден надзор за излевање на води во Охридското Езеро од колекторскиот систем.
Како што соопшти денеска ДИЖС, по претставка на политичката партија Левица, овластени инспектори извршиле увид на делница на колекторот од препумпна станица Орце Николов до препумпна станица Подмолје, посетувајќи ги и препумпните станици лоцирани долж оваа делница кај месноста Далјан и спортското игралиште.
При увидот констатирано е дека четирите препумпни станици се функционални. Меѓутоа, поради дождовите, како и собирањето, односно одведувањето на фекалните и атмосферските отпадни води во заедничка, наместо одделна мрежа, кај инспектираните станици утврдено е прелевање на отпадните води во езерото. Државниот инспекторат ќе достави известување до надлежен овластен инспектор за животна средина и до општините Охрид и Струга да преземат мерки за санација на секундарната канализација и издвојување на атмосферските и фекалните отпадни води. Заштитата на Охридското Езеро е со највисок приоритет и затоа општините и Јавното претпријатие „Колекторски систем“ мора да добијат финансиски средства за целосна реконструкција и санација на канализацијата, колекторот и пречистителната станица. – соопшти ДИЖС.
Во меѓувреме овие надлежни институции ќе бидат задолжени од Инспекторатот да реализираат итни мерки што ќе придонесат да се намали излевањето на отпадните води во врнежливи периоди, се вели во соопштението на Државен инспекторат за животна средина.
Државносто јавно претпријатие „Колекторски систем“, пак, непосредно по извршениот надзор на 11 февруари, информираше дека излевањето на отпадни води во Охридското Езеро, се должи на проблемот со атмосферски води кои исто така завршуваат во колекторот, но дека истиот не е последица на неработењето на колекторскиот систем, како и дека во езерото нема излевање на фекалии, обвинувајќи дека некој се обидува за ситни поени да ги омаловажи напорите кои се преземаат за решавање на децениските проблеми со колекторскиот систем на Охридското Езеро.
Секојдневните барања на информации од јавен карактер воопшто нема да не попречат да продолжиме со искрен и отворен однос кон сите. Ние сме тука и ние сме тие кои заеднички сакаме да работиме и да изнаоѓаме решенија за секој еден проблем. – истакна во изјава за медиумите в.д. директорот на „Колектроски систем“ Владимир Алексијоски.
Во текот на минатата година беше извршена санација на дел од колекторскиот систем и ревитализација на повеќе пумпни станици на источното и дел од северното крајбрежје, со користење на современа технологија за чистење на цевководот, без ископ на постојната мрежа. Државата за оваа намена во 2019 година издвои 4,2 милиони евра од Буџетот. Дел од овие средства беа наменети за чистење на атмосферската и канализационата мрежа во Охрид и Струга во должина од околу 300 километри, а предвидени се и други зафати кои ќе се одвиваат етапно.
На 10 февруари, годинава, Владата ги задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за финансии да обезбедат средства и да го вклучат Проектотот за изградба на колекторски систем од Радожда до Калишта, струшко, како приоритетен за 2021 – 2022 година.
OhridNews