Под наслов: “Дизајнерска игра со традицијата” вечерва во рамките на Охридско лето во изложбениот салон при Центар за култура “Григор Прличев” во Охрид беше отворена изложбата на дизајнерски парчиња на мебел на младиот дизајнер Кирче Стојоски од Охрид.
Публиката имаше можност да погледне продукт дизајн и дизајн на мебел кој едновремено е традиционален и иновативен благодарејќи на користењето на традиционалните техники (занаети) или форми инспирирани од традицијата со идентификација на македонската култура во современ контекст.
Стојоски објаснува дека креирањето на вакви продукти можеби повторно ќе го поттикне изучувањето на традиционалните занаети кои се во изумирање, а ја докажале својата вредност низ времето. Што може да биде поспецифично, вели младиот уметник, од уникатен дизајнерски предмет специјално дизајниран за корисникот преку непосредна употреба на занаетчиските техники од кои ќе произлезе современ продукт со уметнички вредности кој би го зазел своето место во светот на дизајнот каде што доминираат производи масовно произведени на индустриски начин.
-Концептот е да се престави и традицијата и иновацијата. Направивме обид да ги обединиме занаетите со модерен дизајн. Сегашноста и минатото се ставени во дијалог меѓу себе што резултира со изненадувачка приказна и уникатен дизајн, продукти со душа и со приказни кои пренесуваат и предизвикуваат љубов и внимание. Ова е обид на дизајнот преку игра со минатото и со користење на традицијата со ново значење во формата и функцијата, повторно да ги истакнеме нашите културни вредности од минатото, но и од сегашноста, вели Стојоски.
Еден експонат од неговите минатогодишни дизајнерски решенија ги краси и новите простории на Охридско лето. Од таму изразуваат благодарност и за соработка со Стојоски за уредување на новите простории на Фестивалот.
-Кирче со неговото пријателство, креативност и одлични дизајнерски решенија го направи целиот процес на уредување токму како и насловот на денешнава изложба ,,Дизајнерска игра со традицијата,, Беше вистинско задоволство да соработуваме, велат од Охридско лето.
Изложбата “Дизајнерска игра со традицијата” се реализира со поддршка на Министерството за култура.
Стојоски Кирче дипломирал на Факултетот за арт и дизајн, отсек дизајн на ентериери. Досега има реализирано три самостојни изложби и има учествувано на повеќе групни изложби и работилници како Охридско Лето 2012 и 2014 година, Skopje Design Week, Sofia Design Week, Dan D во Хрватска, Mikser во Србија и др.
OhridNews