Во рамки на програмата на фестивалот Охридско лето вечерва со почеток во 20 часот во малиот изложбен салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена сизајнерската изложба „Дизајнерска игра со традицијата“ на охриѓанецот Кирче Стојоски.

-Целта на оваа изложба е да се претстави продукт дизајн и дизајн на мебел кој едновремено ќе биде традиционален и иновативен благодарејќи на користењето на традиционални техники или форми инспирирани од традицијата со идентификација на македонската култура во современ контекст. Креирањето на вакви продукти можеби повторно ќе го поттикне изучувањето на традиционалните занаети кои се во изумирање, а ја докажале својата вредност низ времето, се вели во најавата за изложбата.

Во неа се објаснува дека изложбата претставува обид на дизајнот преку игра со минатото и со користењето на традицијата со ново значење во форма и функција, повторно да ги истакне нашите културни вредности од минатото, но и од сегашноста.

Кирче Стојоски е роден во 1978 година, во Охрид. Дипломирал на Факултетот за арт и дизајн, отсек дизајн на ентериери. Досега има реализирано три самостојни изложби и има учествувано на повеќе групни изложби и работилница како „Охридско лето“ 2012 и 2014 година, „Скопје дизајн вик“, „Софија дизајн вик“, „Дан Д“, Хрватска, „Миксер“, Србија и други изложби.

OhridNews