Сопствениците чии објекти, потпокриви, скали, и други надргардби во старото градско јадро не се во согласност со урбанистичките планови, истите сами да ги урнат, во спротивно најдоцна до септември тоа ќе го направи општината, изјави за „Ohridnews“ градоначалникот на Охрид Александар Петрески.

Тој посочува дека нема поголеми нарушувања во стариот град, туку помали обиди нелегално да се изгради поптокрив или слична надрградба и најави дека општината ќе биде ригорозна кон сите кои ќе се обидат да изградат нешто повеќе од дозволеното.

– Апелирам до граѓаните да не трошат беспотреба пари за нелегални доградби затоа што ќе бидат приморани да ги урнат или тоа ќе го направиме ние на нивни трошок, рече Петрески.


Александар Петрески

Тој истакна дека во заштитеното градско јадро има еден објект кој не може да се легализира по ниту еден основ, а тоа нема да може да се направи и со другите објекти каде се извршени помали градежни зафати надвор од дозволеното.

– Иако се подготвува закон за легализација на диво изградени објекти, ниедна дивоградба во стариот дел на градот не ќе биде опфатен со тој закон. Затоа треба да прекинат сите активности, бидејќи, најдоцна до септември ќе бидат урнати сите тие објекти или деловите од објектите кои се надвор од урбанистичките планови, предупреди Петрески.


Градоначалникот истакна дека  во старото градско јадро ќе се гради и натаму но под строго утврдени критериуми. Не можеме Охрид да го конзервираме во минатото затоа што луѓето денес имаат други потреби, но градбата во заштитената зона ќе биде строго контролирана и во согласност со законите, додаде Петрески.

Најголемите нарушувања на автентичноста на старото градско јадро се направени до 2005 година кога на заводите за заштита на културното наследство им беа одземени ингеренциите од областа на урбанизмот во заштитените подрачја, вели Тања Паскали – Бунташеска – директор на Завод и Музеј Охрид.

– До 2005 година нашиот Завод беше институција која даваше само формално мислење кое никој не беше должен да го почитува и во тој период се направија сите најголеми отстапувања и нарушувања на амбиентот на споменичката целина. Се изградија многу диви потпокриви, лимени покриви, несоодветни фасади, се употребуваше несоодветна столарија претежно на делот од чаршијата на дуќаните и се направија некои промени кои во голема мера ја нарушија автентичноста на старото градско јадро, истакна Паскали-Бунташеска.


Тања Паскали – Бунташеска

Таа подвлече дека во последно време  состојбата се’ повеќе се контролира и не се дозволува натамошно уништување на старото градско јадро.

– Градбата се контролира од самиот почеток. Не може да се добие одобрение за градба без согласност на Завод и Музеј, а исто така се назначува и овластен надзор кој доколку воочи било каква неправилност ги алармира инспекциските служби, додава Паскали – Бунташеска.


Директорката на Завод и Музеј посочува дека заштитата на старото градско јадро во голема мера ќе се подигне со донесување на Законот за Охрид. Таа информираше дека Завод и Музеј има изработено елаборат за ревалоризација на старото градско јадро на Охрид, во кој е извршена анализа на секој еден објект и се дадени насоки на кој начин треба да се гради во старото градско јадро.

– Доколку овој закон се донесе ќе биде закон над сите закони и ќе успее да го зачува она малку традиционално што е останато на овој простор, рече Тања Паскали – Бунташеска.

Ohridnews