Општина Охрид нема намера да ги урива дивоградбите се додека не биде донесен Законот за легализација на дивоградбите, соопшти градоначалникот Александар Петрески. Тој во полемика со дел од советниците во врска со ефикасноста на општинскиот инспекторат рече дека градот ќе почека најпрвин да биде донесен Законот за легализација на дивоградби, а потоа ќе презема мерки за оние објекти кои нема да можат да се вклопат во урбанистичките планови. Законот според најавите треба да биде донесен до крајот на овој месец.
Најголем број од дивоградбите во Охрид се индивидуални објекти за домување и општината нема намера нив да ги урива, но доколку некој се дрзне да гради згради веднаш ќе биде санкциониран, а градбата ќе биде стопирана, вели Петрески. Тој објаснува дека најголемиот број решенија за уривање, некаде околу 700 предмети, општината наследила од државата која со години не постапувала по истите.
Општина Охрид не располага со доволно средства за уривање за што според пресметките потребни се од половина до еден милион евра, рече Петрески. Охрид за уривање толку пари нема намера да потроши, дециден е градоначалникот. Тој информираше дека општината побарала позајмица од владата за екипите кои работат на уривање, но за разлика од општина Карпош на која и биле одобрени такви средства, градот Охрид не добил ниту денар.
Г. Момироски