Ова се предвидува со предлог-Законот за постапување со бесправно изградени објекти, што денеска на пресконференција во Скопје го презентираше министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
„Со овој предлог-закон се опфатени градби од државно значење, градби со намена производство, дистрибуција и сервиси како и градби со намена домување во куќи, кои се изградени без или спротивно на одобрение за градење, како и делови на градби со наведената намена кои се изградени без одобрение за градење“, појасни Јанакиески.
Тој не можеше да прецизира колку точно дивоградби постојат во Македонија, но истакна дека според некој проценки на општините дури 60 отсто од куќите во Македонија се дивоградби.
„Не постои општина на територијата на Република Македонија, во која што нема изградено дивоградба“, рече Јанакиески.
Висината на надоместокот за легализација на градбите изнесува 0,5% од вкупниот годишен приход на членовите на семејството помножен со вкупната површина во метри квадратни.
„Тоа значи дека за куќа од 100 метри квадратни, доколку семејството остварува месечен приход од 12.000 денари, ќе треба во наредните шест години да плаќа по 12.000 денари годишно, доколку пак остварува 30.000 денари месечно, ќе треба секоја година да одвои по 30.000 денари, или вкупно 180.000 денари во наредните шест години“, посочи Јанакиески, додавајќи дека лицата што примаат социјална помош нема да плаќаат надоместок.
Тој рече дека при поднесување на барањето за легализација, потребно е да се приложи државјанство, потврда за комунален приклучок, имотен лист за земјиштето, проект за изградбата и да се изврши геодетско мерење.
„Бесправната градба во зависност од видот треба да исполнува соодветни стандарди кои се однесуваат на нејзината статика, заштитата од пожар, заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, а исполнувањето на овие стандарди се утврдува со елаборатите кои се составен дел на проектот за фактичката состојба на градбата“, изјави Јанакиески.
Тој појасни дека општините ќе бидат надлежни за градбите со намена производство, дистрибуција и сервиси и градбите со намена домување во куќи, а Министерството за транспорт и врски ќе ја спроведува постапката за градби од државно значење.
Јанакиески изрази оптимизам дека со овој закон, кој треба да помине низ собраниска процедура, ќе бидат легализирани најголемиот дел од бесправно изградените градби, а тие што нема да бидат легализирани, ќе бидат третирани согласно Законот за градење.
Владата очекува со имплементацијата на предложените законски решенија да се реши повеќедецениското прашање за бесправно изградени објекти на територијата на Република Македонија и да се стави ред во областа на градежништвото и урбанизмот.
извор: „Макфакс“