Жителите кои живеат во крајбрежниот дел на населбата Воска реагираат дека потегот од улицата „Крум Точков“, во пределот помеѓу Калето и реката Грашница е претворен во целосна депонија каде што се остава отпад од секаков вид и од страна на несовесни граѓани се користи како јавен тоалет.
-Тука покрај мештаните поминуваат и туристи кои се сместени во хотелот „Мизо“ и оваа глетка и смрдеа е срамота за нашиот град. Не сме должни да газиме низ фекалии и отпад за да стигнеме до брегот на езерото кое е на 50 метри оддалеченост. Охрид не е само делот на кејот и населбата Канео…Охрид сме и ние, и како сите други граѓани и ние плаќаме даноци и придонеси и редно време е некој да направи нешто и за нас како граѓани и да ни се овозможат нормални услови за живот, велат охриѓани кои живеат во овој дел на градот.
Според нив овој потег би можел да се уреди како парк, со клупи и светилки и би можел да се користи за рекреација и одмор.
Со сличен проблем се соочуваат и дел од жителите на селото Лакочереј, каде што на делови од селскиот атар се направени мали депонии со најразличен отпад.
Жителите на селото апелираат до надлежните да го исчистат овој потег и да се преземат соодветни мерки за санкционирање на оние кои го исфрлаат отпадот на несоодветно место.
Вакви слични случаи на несоодветно третирање на отпадот од страна на несовесни граѓани беа евидентирани и во текот на изминатиот период, на неколку други локации во градот и неговата околина.
OhridNews