Наместо на градската автобуска станица, ова лето дел од патниците кои доаѓаат во Охрид со автобус се симнуваат на диви станици во центарот на градот. Градската автобуска ја одбегнуваат нелегалните автопревозници, но и превозници кои имаат лиценца за линиски сообраќај. Тие најчесто патниците ги оставаат и собираат од пред Комерцијална банка, каде во текот на денот доаѓаат и по десетина автобуси.


Дива автобуска станица во центарот на Охрид

Жителите од околните куќи и згради се жалат на неподносливата бучава и непријатната миризба што ја создаваат издувните гасови од автобусите. „ Наутро автобусите доаѓаат уште од 7 часот, а некогаш заминуват во 22 часот и подоцна. Бучавата е неподнослива, а издувните гасови се чувствуваат насекаде во околината“, ни изјави Крсто Колов, чија куќа се наоѓа на крстосницата кај Комерцијална банка. Патниците кои се симнуваат од автобусите од ѓубрето се ослободуват кај ќе најдат, а неретко вршат и нужда, се жали овој охриѓанец.


Станува неподносливо – Крсто Колов

Автопревозниците за услугите на автобуската станицата со која стопанисува АД “Галеб“ треба да издвојат само 150 денари. Од Галеб велат дека тие не трпат голема матерјална штета, но се соочуваат со хаос околу станицата и во градот кој го отежнува сообраќајот и претставува грда слика. „Патниците се збунети и доаѓаат  кај нас да прашаат од каде им тргнува автобусот“, вели Димитар Василески од Галеб.


Штета трпи и Галеб и градот – Димитар Василески

Советот на општина Охрид со одлука го има регулирано сообраќајниот режим во центарот на градот каде  движењето и застанување  на автобуси е забрането, но таа одлука не се почитува.  Тоа го потврдува и сообраќајната полиција која е запознаена со случајот. Заради туристичката сезона наместо репресивни мерки возачите на автобусите  се опоменуваат да не се вршат превоз на диви станици во центарот на градот, за што се испечатени и флаери на кои е нацртана и скица со иснструкции за режимот на сообраќај, ни изјави Страшо Миленкоски од сообраќајната полиција.


Полицијата опоменува – Страшо Миленкоски

Граѓаните кои живеат во близина на дивата автобуска станица кај Комерцијална банка бараат полицијата и градските власти најитно да го решат проблемот поради кој тие покрај мирот ги губат и туристите кои ја одбегнуваат прометната крстосница.


Наместо на автобуска станица…


…патниците се симнуваат да диви постројки

Г. Момироски