„Охрид е неверојатно убав град, кој изобилува со посебна позитивна енергија“, вели оперската дива Инва Мула, која синоќа одржа прекрасен концерт во црквата Св. Софија со Ахмети и Цуцковски, во рамки на „Охридско лето“. Дивата од филмот „Петтиот елемент“ со водич на фестивалот се запозна со уникатноста на градот, културата, историјата и традицијата на градот.
Сум била пет или шест пати во Охрид, секогаш кога ќе сум била овде сум чувствувала некоја посебна позитивна енергија. После оваа прошетка и сите овие факти и приказни кои ми ги раскажа туристичкиот водич, ми е јасно зошто сум се чувствувала толку посебно во Охрид. – вели Мула.
Воодушевен од старата охридска архитектура, древните цркви и синото Охридско езеро беше и нејзиниот колега пијанистот Генц Тукичи, кој прв пат го посети Охрид.
Совршено. Многу сум среќен што имам ваква прилика да бидам во Охрид во црквата каде мојот татко во 1970 година имаше музички концерт. Воедно сум пресреќен што имав ваква прилика да се запознаам со културно историското богатство на градот Охрид. Акустиката во црквата Света Софија е неверојатно совршена. Благодарам на фестивалот Охридско лето за оваа прилика. – рече Тукичи.
Во прошетката низ стариот дел на Охрид ги придружуваше и познатата сопранистка Дешира Ахмети, која исто така уживаше во неповторливата убавина на тесните калдрмени улици, белите автентични куќи и раскошот на средновековните цркви.
Фестивалот „Охридско лето“ е амбасадор на земјава и градот Охрид. А, најуспешната реклама за една туристичка дестинација се незаборавните спомени, кои гостите ги понесуваат и пренесуваат ширум светот.
Врвно естетско доживување со звучните оперски имиња Мула, Ахмети и Цуцковски
Синоќешниот концерт на „Охридско лето“ на светски познатата оперска певица Инва Мула, сопранот Дешира Ахмети и тенорот Ѓорѓи Цуцковски кои настапија во пијано придружба на големиот пијанист и композитор, Генц Тукичи, донесе врвен изведувачки артизам на солисти, префинети вокалитети, креативен сензибилитет.
Импресивната изведба на оперските пејачи и пијанистот беше наградена со долги овации, нешто што може најмногу да посака еден уметник.
Раскошниот глас на албанскиот сопран Инва Мула уште еднаш во Охрид ги потврди високите естетки позиции што ги има певицата во светот на класичната музика и ја воодушеви публиката од различни генерации. Мула со порака од Охрид, да се приближи класичната музика до младите, но истовремено да се сочуваат нејзините вредности.
Ние уметниците мора да се приспособуваме и на младата публика, да најдеме начин како да им ја приближиме бидејќи светот на класичната музика е доста затворен. Она што се слушало пред двесте или 300 години морало да биде изведено до перфекција, до совршенство. Се разбира дека не сум поборник да се земе некое класично дело и да се изведе на комерцијален начин бидејќи сметам дека на тој начин се губи вредноста на класичната музика. Сепак, мора да најдеме начин, класичната музка да се приближи до младата публика. Таа нема трпение да ја следи класиката како што сме ја следеле ние и затоа, мора да внимаваме како им ја приближуваме. Прв којшто ги отворил вратите класичната музика да се приближи до широката публика е Павароти. Ние сега треба да ги држиме тие врати отворени, а истовремено да ги сочуваме вредностите на класичната музика. – вели сопранот Инва Мула.
Македонската оперска певица Дешира Ахмети и нејзиниот колега, тенорот Ѓорѓи Цуцковски кои со својата префинетост и совршено пеење брилјираа на концертниот подиум, најавија дека соработката со Мула ќе продолжи како и досега.
Програмата што беше синоќа на репертоарот на „Охридско лето“, ариите од оперите, оперската дива Инва Мула ја избра специјално за учеството на фестивалот.
Синоќешниот концерт го следеше и бројна публика од поширокиот регион,а дел од нив дојдоа во Охрид специјално само за да проследат несекојдневното уметничко доживување во црквата „Света Софија“.
OhridNews