Дивата депонија од градежен шут и кабаст отпад која е лоцирана по должина на неасфалтираната источната трансферзала, од бензинската пумпа „Билјанини извори“ до улицата „Карпош Војвода“ во последниот период добива алармантни размери и претставува голем проблем за жителите кои живеат во овој дел на градот.

Оваа депонија е активна неколку години наназад, но состојбата во последниот период е навистина лоша, бидејќи на ова место се носи градежен шут во големи количини. Многу пати до сега упативме поплаки до надлежните и за оваа состојба алармиравме преку медиумите, но нашите обиди за решавање на овој проблем беа залудни, вели охриѓанец кој живее во близина на обиколницата.

Тој апелираше до надлежните да преземат мерки и да го исчистат овој потег кој се наоѓа во подножјето на Националниот парк „Галичица“.

Освен дивата депонија голем проблем за жителите претставува и тоа што оваа улица нема асфалт, па во текот на врнежливите денови истата е прекриена со кал и минувањето по неа е отежнато.

Изградбата на источната трансферзала започна во септември 2008-ма година, со цел да се растовари сообраќајниот метеж низ централниот дел на Охрид, но градежните активности за асфалтирање на обиколницата, се запрени повеќе од пет години.

Инаку со одлука на Советот на општина Охрид во 2009-та година, по предлог на советничката група на ВМРО-Народна партија, оваа обиколница го доби името „Јордан Мијалков“.

OhridNews