Уште едно врвно уметничко доживување приреди фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер во црквата „Света Софија“ со концертот на словенечкиот гудачки квартет „Дисонанс“.

Извонредните музичари од овој музички состав, Јанез Подлесек-прва виолина, Матјаж Поровне-втора виолина, Оливер Диздаревиќ-виола и Клемен Хвала-виолончело, преку својата маестрална изведба донесоа програма што беше во знакот на повеќе јубилеи.

Исто како и годинешното „Охридско лето“ што е јубилејно, и нашата програма со која настапивме е јубилејна. Целиот свет одбележува 250 години од раѓањето на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен кој на некој начин е поврзан и со Љубљана. Имено пред 200 години кога првпат била отсвирена неговата Шеста Пасторална симфонија, ја испратил партитурата и добил титула почесен член на Словенечката филхармонија. Ние овде го донесовме неговиот Гудачки квартет бр. 11 во F-moll, рече виолончелистот Клемен Хвала.

Истата година кога е роден Бетовен, починал познатиот композитор Џузепе Тартини, па словенечките изведувачи вчеравечер ја изведоа неговата „Соната „A Quatro“ во D-dur.
Членовите на „Дисонанс“ оставија силен впечаток кај публиката и со изведбата на „Италијанската серенада“ од композиторот Хуго Волф.

Италијанската серенада“ е многу популарна италијанска композиција втемелена на италијанската мелодија која се свири на фифер, инструмент сличен на денешната обоа, откри Хвала.

На репертоарот беше и композицијата „Гудачки квартет“ од познатиот словенечки композитор Лојзе Лебич, кој прослави 85 години од раѓањето и кој, како што раскажа виолончелистот Клемен Хвала, кога слушнал дека неговото дело ќе го изведат во Охрид, се израдувал многу бидејќи бил учесник на фестивалот во самите негови зачетоци.

Многу ни е драго што „Охридско лето“ прифати на концертот да отсвириме и една современа композиција. Нашиот квартет ја промовира токму современата музика комбинирана со класичен репертоар. „Гудачки квартет“ е напишана во 1983 година и е првата композиција што ја изведовме како музички состав. По тој успешен концерт одлучивме да соработуваме и да настапуваме редовно, додаде Хвала.

Поради здравствените мерки што се преземаа насекаде, па и во Словенија, изминатиот период, гудачкиот квартет „Дисонанс“ го искористи за подготовка репертоар за новата сезона, снимање дела со повеќе музичари, онлајн преку апликација, како и за основање на нов камерен ансамбл што ќе биде постојан оркестар на познатиот „Љубљана фестивал“.

OhridNews