Познавачите на компјутерскиот пазар одлучиле дека е време да се поздрават со дискетата. Големиот синџир компјутерски продавници PS World објавил дека веќе нема да продава од овие уреди за чување податоци откако ќе ги исцрпи залихите.
Причина за „смртта“ на дискетата, популарно наречена Floppy Disc, секако е појавата на нови уреди за чување податоци, како и потребата за поголема меморија ос 1,44 мегабајти колку што има стандардната дискета. Освен тоа многу мал број компјутери што се произведуваат денес имаат дискетна единица.
„Дискетата изгледа старомодно и едноставно испадна од трката“, изјавил Брајан Маграт, комерцијален директор на PC World. Од 1998 година кога се продадени 2 милијарди дискети, до 2006 побарувчката паднала за три пати (700 милиони парчиња). Само 2 проценти од компјутерите кои ги продава PC World имаат дискетна единица , а наскоро ќе ги укинат и тие два проценти.
Покрај USB стиковите кои имаат и до 2000 пати поголема меморија, дискетата постана непотребен вишок. Нашите мали четириаголни дискети наскоро ќе можеме да ги оставиме на полиците да збираат прашина. Кој знае колку брзо ќе дојде новата генерација млади компјутерџии кои нема да знаат што е тоа дискета?
С. Костоски