Светски познатиот музички виртуоз  Михаил Плетнев под чија диригентска палка  треба да биде отворен фестивалот Охридско лето  се врати во Москва од Тајланд, каде бил уапсен под сомнение за вмешаност во педофилски скандал.

Како што јавија водечките медиуми во светот, по распитот во полицијата Плетнев бил пуштен да се брани од слобода со кауција од околу 9 илјади долари, но ќе треба да се појави на суд на 18 јули. Тајландскиот суд на 53 годишниот уметник, кој е добитник на повеќе светски награди и признанија,  му дозволил времено да ја напушти државата и тој ќе може да настапува низ светот.

Според  менаџерски тим на Плетнев  се работи за грешка, односно познатиот диригент бил заменет со друго лице од Тајланд, на кое тој му ја имал изнајмено куќата која ја поседува во Бангкок. Вакво објаснување вчера добила и управата на фестивалот Охридско лето од каде уверуваат дека  отворањето на 50-то јубијнио издание на најголемата културна манифестација во земјата нема да претрпи измени.

–    Во врска со натписите  за  апсењто на маестро Михаил Плетнев,  ве информираме дека заради веродостојност на информациите раководството на фестивалот Охридско лето стапи во директен контакт со потпретседателот на фондот Михаил Плетнев, Милка Кресоја. Во официјалниот допис добиен од г-ѓа Кресоја потврдено е дека маестро Плетнев заедно со Рускиот национален оркестар пристигнува во Охрид во петок  и  ќе диригира на отворањето на  Јубилејното издание на фестивалот Охридско лето.-соопшти управата на фестивалот Охридско лето.

50-то јубилејно издание на фестивалот Охридско лето според најавите ќе биде отворено на 12 јули на Античкиот театар со настап на Рускиот национален оркестар и македонскиот виртуоз на пиано, Симон Трпчески, под диригентската палка на Михаил Плетнев.

OhridNews