Доцна синоќа на Клиниката за инфективни болести е дијагностициран уште еден случај на пациентка позитивна на коронавирусот, информира денес министерот за здравство, Вено Филипче. Станува збор за директорката на Клиниката за кожни болести која пред една недела се вратила од Италија, но продолжила редовно да доаѓа на работа.

  • Таа денес е сместена на клиниката за инфективни болести. Нејзината состојба како и на двајцата сопружници, претходно хоспитализирани, е стабилна има лесна клиничка форма, додека состојбата на првозаболената е целосно стабилизирана. Во текот на денот или утре ќе се направи контролниот тест после кој ќе се одлучи дали првозаболената ќе биде испуштена од болница, рече Филипче.

Тој изрази огромно разочарување поради непочитување на препораките за самоизолација по враќањето од ризичните подрачја.

  • Директорката на клиниката за кожни болести и по враќањето во земјава наредните пет дена одела редовно на работа. Земајќи го во предвид овој факт, со исклучително внимание, постапуваме согласно мерките на Клиниката за кожни болести. Цела екипа од Институтот за јавно здравје прави проценка на степенот на ризик за сите кои контактирале со неа, како вработените така и пациентите. Можно е согласно проценката и одлуката на епидемиолозите, денес, одделот да биде целосно затворен, целиот медициснки персонал согласно контактите кои ги имале да бидат испратени во домашна самоизолација. Прегледите ќе се насочат кон други здравствени институции. Добро е што колешката немала приемен ден и немала контакт со пациенти од надвор, нагласи министерот.

Филипче потенцира дека од огромно значење е почитувањето на препораките, бидејќи невозможно е затворање на границите.

OhridNews