Охрид денеска и утре ќе биде домаќин на состанокот на Извршниот одбор на SEPCA (Асоцијација на директорите на полициите од земјите на југоисточна Европа) на кој што македонското МВР, ќе го превземе претседавањето со оваа асоцијација во наредниот мандат.

На дводневниот состанок на Извршниот одбор на SEPCA, на кој ќе учествуваат челните луѓе на полициите на Хрватска, Босна и Херцеговина,  Црна Гора и на Македонија,  Оливер Грбиќ, Златко Милетиќ,  Веселин Вељовиќ и Љупчо Тодоровски,  ќе се  разгледуваат повеќе прашања од доменот на работа на асоцијацијата. Денеска ќе биде разгледуван извештајот на Извршниот секретаријат на SEPCA, додека пак во петок на дневен ред ќе бидат прашања околу статусот на набљудувачите во мисијата ЕУЛЕКС на Косово,  потоа разгледување на поканата за членство на оваа асоцијација во меѓународната асоцијација на шефови на полициите, како и за членство во Управниот одбор на Одделот за меѓународна работа на полицијата, и други тековни прашања.

Во петок во хотелот “Гранит“ е предвидена официјалната церемонија на примопредавање на претседателството на SEPCA.

OhridNews