Охриѓани ги исполнаа канцелариите на подрачната Агенција за катастар на недвижности каде денес и утре се одржуваат „ Заеднички отворени денови“ со Управата за имотно правни работи. Граѓаните, на едно место, имаат можност да добијат одговор од страна на стручните служби за нивните проблеми од имотно- правен карактер или поврзани со работењето на катастарот.
Директорот на Управата за имотно правни работи, Зоран Крстаноски изрази задоволство од работењето на подрачното одделение, каде од вкупно примени 13.000 барања завршени се 8700 предмети ,а околу 2000 предмети се распределени за постапување во други одделенија кои имаат помал обем на работа, со цел граѓаните за пократко време да добијат решение за своите поднесени барања.
Крстаноски потсети на продолжувањето на рокот за приватизација на градежно неизградено земјиште кој е продолжен до 15 јуни 2016 година.
– Тоа е последна можност за сите поранешни сопственици, запишани како корисници на градежно неизградено земјиште кои од различни причини го пропуштиле рокот за поднесување на барање за приватизација кој истече на 15 декември 2014 година. За оваа категорија корисници воведена е скратена посебна постапка со која до 15 јуни 2016 ќе можат до одделенијата за катстар да поднесат пријава со фотокопија од лична карта, правниот основ со кој се запишани како сопственици на земјиштето и доказ од соодветна општина дека на предметната катастарска парцела не е поднесено барање за легализација. По добивање на документите агенцијата за катастар ќе се обрати по службена должност до управата за имотно правни работи. По комплетирање на целокупната документација агенцијата за катстар на недвижности ќе издаде потврда за трансформирање на правото на користење во право на сопственост, информира Крстаноски.
Задоволство од работењето на подрачното одделение искажа и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.
– Од почетокот на годината до крајот на минатиот месец примени се 47000 предмети и сите се решени. До денес легализирани се 2767 објекти кои се запишани во катастар, а во Охрид дигитализирани се 92% од катастарски планови, а во примена се 60%. Другите планови се во тек на обработка, а до крај на годината ќе бидат завршени, изјави Трпески.
Трпески укажа на продолжување на рокот за поднесување барања за легализација на инфраструктурни објекти ,кој е до 31- ви декември годинава, како и на новите измени со кои е скратена постапката за уредување на меѓи, за која е потребна само согласност од соседите заверена на нотар што чини 300 денари.
Граѓаните со свои прашања до одделението за катастар и имотно- правни работи, во рамки на кацијата, можат да се обратат и во текот на утрешниот ден од 9 до 17 часот.
Т.К.