При денешната посета на подрачната служба во Струга, директорите на Фондот за здравствено осигурување, д-р Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани информираа дека се отворени четири нови  аптекарски станици и една нова подвижна аптека, потенцирајќи дека новите пет субјекти ќе значат  полесна достапност до лекови за 23.000 граѓани. Новите пет аптекарски субјекти се во струшкото село Ливада, село Буково- Битола, Слатино- тетовско, село Морани- Студеничани и една подвижна аптека во Валандово.

– Проектот Аптекарска станица во населено место во рурална средина е дизајниран да обезбеди континуирана примарна здравствена заштита на осигурениците и полесен пристап до лекови. Аптекарските станици се отвораат согласно со потребите утврдени во мрежата на здравствени установи на Министерството за здравство, бројот на жителите во населените места, оддалеченоста и достапноста на населените места. Вкупниот број на лица кои се опфатени со овој проект се околу 150 илјади граѓани во Македонија кои што живеат во рурални области и коишто децении наназад, а некои никогаш немале аптеки во близина на местото на живеење. Со овој проект го решаваме повеќе деценискиот проблем на граѓаните и овозможуваме тие да имаат достапност до потребните здравствени услуги и лекови, истакнаа Стефаноски и Рамадани.

Тие додадоа дека ФЗОМ годишно издвојува околу 2,46 милијарди денари за лекови за потребите на граѓаните во земјава, кои се распределени во околу 772 аптеки од кои  66 се аптекарски станици, 6 подвижни и 3 рурални аптеки.

 OhridNews